Ацо Шопов е роден во Штип на 20 декември 1923 година а умира во Скопје на 20 април 1982 година.Ацо Шопов бил македонски поет, и преведувач, член на МАНУ.
Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни којабила издадена во 1944 година e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 година и прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање од 1967 година, член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 – 1975), прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, како и уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.
Ацо Шопов е роден во Штип, на 20 декември 1923 година, тој го поминал детството во родниот град, со браќата Димитар (1920-1972) и Борислав (1927-1996), татко му Ѓорѓи Зафиров-Шопов (1893-1944) и мајка му Костадинка Русева (1897-1942). Во Штип го завршил основното училиште и гимназијата.
Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи”.
По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија.Подоцна, работел како уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост, како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што го поттикнало да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968).
На 30 септември 1958 година, Ацо Шопов се венчал со Светлана Шопова на која ѝ е посветена песната „Клошарска песна на поетот“.
На 18 август 1967 година, Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а една година подоцна и за дописен член на Српската академија. Ацо Шопов бил добитник на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970 година), како и на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1956 година) и Гледач во пепелта (1970 година); „11 октомври”, за преводот на Хамлет (1960 година) и за животно дело (1981 година); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967 година); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена(1977 година).
По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“, во 1971 година, Шопов бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот.
Ацо Шопов е автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, Песни (1944 година), објавена како типографско издание на младинската организација од Белград. Тој има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.
Ацо Шопов (награда) е највисоко поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија. Таа се доделува секоја година за најдобра поетска книга објавена во претходната година. Традиционално, таа се доделува заедно со другите три награди на ДПМ, на 13 февруари, на денот на основањето на ДПМ.